Праисторија
Следејќи ги историските факти за создавањето и постоењето на населби во овој регион ќе се навратиме многу, многу одамна каде дури и онаа реченица со која започнуваат приказните “Во далечното минато си живееле еднаш....”, ќе ја има вистинската смисла и содржина. Најстарите неолитски живеалишта откриени во Пелагониската Котлина зборуваат за еден исклучително долг континуитет на постоење на живот на овие простори. Достигнувањата во сферата на материјалната култура на неолитскиот човек зборуваат за неговиот висок сензибилитет и изнаоѓањето на рамнотежа помеѓу неговиот внатрешен духовен живот и неговиот “реален”, материјален свет. Бројните жртвеници преку кои се обидувал да ги отслика своите внатрешни чувства и емоции, и својата вечна потрага по божественото, женските фигури со нагласени репродуктивни органи, Божицата Мајка преку кои тој го манифестира нагласеното значење на култот на плодноста, се само одредени сегменти од културата на неолитскиот човек. Откривајќи ги нив, проникнуваме во суштината на еден исклучително богат и значаен период на човековото постоење на овие простори. Доцниот неолит со своите карактеристики претставува своевиден предвесник на достигнувањата кои потоа служат како основа врз која едно по друго се појавуваат и менуваат Бронзеното и Железното време.