Географија
Градот е во подножјето на планината Баба (со врвот Пелистер висок 2.601 m) во средишниот дел на пелагониската котлина. Низ него тече реката Драгор. Се наоѓа на 14 km северно од границата со Грција, на надморска височина од 576 m. Битола е традиционално важна трговско-патничка врска помеѓу Јадранското и Егејското Море, како и една од најзначајните патнички врски на Балканот со Централна Европа. Градот има средна годишна температура на воздухот од 11,1°С, но со големи отстапувања во одредени години: од 10,1°С во 1975 година до 13,1°С во 1952 г. Најстуден месец е јануари, со просечна месечна температура од -0,6°С, но со апсолутна минимална температура од -30,4°С. Најтопол месец е јули, со средна месечна температура од 22,2°С и со апсолутно максимална температура од 41,2°С. Апслолутното годишно варирање на температурата на воздухот изнесува 71,6°С што е специфика за континенталната клима. Температурата има карактеристика на континентална клима, а врнежите на сушна изменето-медитеранска или степска клима која, на моменти, има пробиви и на жешки воздушни маси од Северна Африка т.е. Сахара. Просечното годишно количество на врнежи изнесува 601 mm, со вредности кои се движат од 338 mm до 879 mm. Битола исто така е пример со појавата на поларна светлина. Преку Битола поминува изохазмата (линија која поврзува места со еднаков број на денови со појава на поларна светлост) 0,1 што значи дека на небото на Битола просечно само еднаш во 10 години, се појавува поларната светлост. Во Битола исто така има метеоролошка станица, лоцирана на излезот од градот на патот кон Новаци. Започнала со работа од 16 март 1945, иако за одредени метеоролошки елементи има систематски податоци од 1926 и 1927 година. Метеоролошката станица во градот се наоѓа на надморска височина од 586 m, блиску до просечната надморска височина на градот која изнесува 576 m.