Пелистер
Пелистер е името на највисокиот врв на Баба Планина, а со своите 2601 метар надморска височина, претставува трет највисок планински врв во Македонија. Често името на врвот Пелистер, се користи и како име за самата Баба Планина и синоним за градот Битола. Пелистер е воедно прогласен за национален парк во 1948 година, тој има вкупна површина од 12.500 хектари и географската положба на паркот е 40°57’ СГШ и 21°14’ ИГД. Го опфаќа врвот Пелистер и се протега на падините на Баба Планина.Името Пелистер води потекло од антиката, односно најверојатно е дадено од древно (античко) македонските племиња, Пелагонци и Линкестиди кои живееле непосредно под планината Баба, во овој дел од рамнината Пелагонија. Меѓу народот постои и легенда дека името Пелистер доаѓа од зборовите „пет лисје“. Кованицата бели+стени= белистени=пелистер е една од можните варијанти за потеклото на името Пелистер. Исто така, има мислење дека името „Пелистер“ е кованица од бел+истер= бел-истер = пелистер. Како аналогија се зема името на полуостровот Истра и ред други топоними, ороними и сл. од претсловенско, античко-венетскиот период. Значењето на „истер“ и ден-денес во македонскиот јазик како и милениуми претходно се употребува - означува нешто што е истерано, извишено, било во висина, било во море и сл.