Битката кај Битола
Битката кај Битола во текот на Првата балканска војна се водела од 16 до 19 ноември 1912 година. По Кумановската битка, турската Вардарска армија, повлекувајќи се кон Битола организирала заштитни боеви кај Присад и Алинци, со цел да добие време за собирање, средување и повторно комплетирање на своите единици, како и за привлекување на други трупи во својот состав. Планот на Зеки-паша бил да ја задржи првата. српска армија додека не се расчисти состојбата на Тракиското боиште. Борбениот распоред за одбрана го поставил од десниот брег на Црна Река и на реката Шемница преку Киромарица-Кочиште и Бел Камен. На таа линија биле утврдени турските позиции, а некои села биле организирани како отпорни точки. Зеки-паша дошол до погрешен заклучок дека српската војска ќе ги избегнува ридскиот и планинскиот терен и дека ќе напаѓа само долж патните правци Прилеп-Битола и Кичево-Битола. На позициите кај Алинци можело да се напаѓа од три правци: преку селата Галичани и Веселчани, кон Чепигово. Овој правец овозможувал опфат на турското лево крило. Вториот правец започнувал од Прилеп преку Кобел, водел кон Алинци и Тополчани и излегувал до центарот на турските позиции. Третиот правец минувал преку западните падини на Селечката Планина преку селата Лагово, Рувци и Канатларци, излегувал на десното крило на турските позиции. Турските сили на средниот, т.е. главниот правец, ги распоредиле главните сили, односно 15. дивизија (три полка и 17 топови) во бројна состојба од околу 6.000 луѓе. Источните позиции ги бранела 13. дивизија (три полка, 10 топови, т.е. 6.300 луѓе), а западните позиции кај селото Галичани ги бранела Самостојната коњаничка бригада (600 луѓе). Резервата на 5. корпус во состав од 5. стрелечки полк (2.349 војници), 26. коњанички полк (433 војници) и две полски батерии биле разместени во реонот на селото Тополчани. Покрај наведениве сили, во составот на 5. корпус била вклучена жандармеријата со 655 луѓе и заднинските единици со 1.332 војника. Бројната состојба на 5. корпус за одбраната на позициите кај селото Алинци изнесувала вкупно 18.172 војници од кои 1.033 коњаници и 27 топови.